ГОЛЕМА ИЗМАМА ВО ГРЦИЈА – Компании избегнале ДДВ од 143 милиони евра

147 компании фатени во мрежи за фиктивни фактури со вредност од над 718 милиони евра

ГОЛЕМА ИЗМАМА ВО ГРЦИЈА – Компании избегнале ДДВ од 143 милиони евра
Фото: Принтскрин

Инспекторите на Независната управа за јавни приходи на Грција (ААДЕ) во текот на 2025 година откриле 147 компании инволвирани во организирани мрежи за фиктивни трансакции, со вкупна вредност од над 718 милиони евра.

Од ААДЕ информираат дека преку издавање фиктивни фактури, овие компании избегнале да платат данок на додадена вредност во износ од околу 143,5 милиони евра.

Нерегуларностите биле евидентирани во повеќе стопански сектори, меѓу кои градежништвото, трговијата на големо со храна и земјоделски производи, трговијата со облека и обувки, фармацевтски производи, метали, телекомуникациска и ИТ-опрема, како и во малопродажбата на мобилни телефони, компјутери и аудио-видео уреди. Фиктивни фактури биле користени и во услугите за трговско посредување и деловна поддршка.

Според официјалните податоци, најголем обем на неправилности е утврден во градежниот сектор и во секторот за трговско посредување, каде износите на неплатен ДДВ достигнуваат десетици милиони евра.

Најмногу фактури – вкупно 20.058, со вредност од 214,5 милиони евра издале 37 компании од градежниот сектор, при што не бил уплатен ДДВ во износ од 50,2 милиони евра.

Покрај тоа, 26 компании од секторот за деловна поддршка и општи услуги издале речиси 9.800 фиктивни фактури во вредност од 97,7 милиони евра, со што избегнале плаќање ДДВ од околу 20 милиони евра.

Во трговијата на големо со храна и земјоделски производи, 14 компании издале над 7.000 фактури во вредност од 81,9 милиони евра, при што е избегнато плаќање ДДВ од 11,7 милиони евра.

CATEGORIES
Share This