ГОЛЕМ ПРЕСВРТ Трамп му врти грб на Путин?
Во пресрет на следниот дипломатски чекор, се очекува Трамп наскоро да објави официјална одлука, која би можела значително да ја промени динамиката на војната и надворешната политика на САД.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, размислува за воведување нови мерки против Русија, поради сè поинтензивните напади врз Украина и застојот во мировните преговори. Според информациите на Wall Street Journal, повикувајќи се на неименувани извори блиски до администрацијата, Трамп е длабоко фрустриран од ситуацијата и разгледува две главни опции: дополнителен притисок врз Москва или целосно повлекување од мировниот процес.
Како што се наведува, новите мерки најверојатно нема да вклучуваат банкарски санкции, но администрацијата разгледува други форми на притисок, меѓу кои и воведување 30-дневен прекин на огнот како услов за продолжување на разговорите со рускиот претседател Владимир Путин.
Во исто време, изворите откриваат дека Трамп сериозно размислува и за повлекување од мировните преговори доколку следниот обид за дипломатско решение не даде резултати.
“Тој е уморен од празни ветувања и недостиг на прогрес,” изјавил еден од изворите за весникот.
Трамп, според истиот извор, сè повеќе губи трпение и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кого го смета за фактор што дополнително го комплицира конфликтот со инсистирањето на нови санкции. Во неделата, преку објава на својата социјална мрежа Social Truth, Трамп го нападна и Путин и Зеленски, наведувајќи дека украинскиот лидер не придонесува кон деескалација на состојбата.
„Секогаш имав добри односи со Владимир Путин, но нешто му се случи. Целосно го изгубил умот,“ напиша Трамп, откако Русија ги интензивираше нападите со беспилотни летала врз Киев и други украински градови.
Извори блиски до Белата куќа тврдат дека три фактори имаат клучно влијание врз актуелното размислување на Трамп: неговото разочарување од Зеленски, ставот дека дополнителни санкции нема да ја спречат Русија во воените активности, и уверувањето дека лично познавање со Путин ќе му овозможи да влијае на завршувањето на конфликтот. Меѓутоа, неодамнешниот телефонски разговор, во кој Путин одбил да прифати договор за прекин на огнот, сериозно го нарушил личниот однос на Трамп со рускиот претседател.
Во пресрет на следниот дипломатски чекор, се очекува Трамп наскоро да објави официјална одлука, која би можела значително да ја промени динамиката на војната и надворешната политика на САД.


