ГОЛЕМ КОНЦЕРТЕН ПОЧЕТОК – Џез оркестар и гудачи на една сцена
Музичари од Националната опера и балет се дел од вечерниот концерт

Националниот џез-оркестар вечерва во салата на Филхармонијата, свечено ја отвори концертната сезона 2026 со уникатен настап заедно со гудачки ансамбл составен од музичари на Националната опера и балет.
Од Националниот џез-оркестар посочуваат дека станува збор за редок и внимателно осмислен музички проект, кој носи нова звучна перспектива и претставува значаен исчекор во современата македонска оркестарска практика.
Концертот се одвива под диригентската палка на маестро Џијан Емин, а публиката има можност да слушне негови авторски композиции, како и дела од Трајче Велков, Гордан Спасовски, Зоран Костадиновски, Гоце Стевковски, Сашко Николовски и Георги Шарески. Солистички настапуваат Кирил Кузманов на саксофон и флејта и Бојан Цветковиќ на пијано.
Како специјален гостин на вечерта се претстави Георги Шарески – гитарист и композитор чиј препознатлив музички израз и сензибилитет природно се вклопуваат во концептот и звучната целина на концертот.

