ГОДИШЕН РАСТ НА ПЛАТИТЕ ОД 9% – Просечната плата во октомври 45.943 денари
Најголем месечен раст забележан во недвижен имот, информации и административни услуги
Во еден месец, просечната плата се зголемила за 1% или за 477 денари. Во октомври, просечната месечна нето-плата изнесувала 45.943 денари, додека во септември беше 45.466 денари. На годишно ниво, платата е зголемена за 9%.
Според Државниот завод за статистика, најголем дел од зголемувањето се должи на повисоките просечни нето-плати во три сектори: Здравствена и социјална заштита – зголемување од 13,3%, административни и помошни услужни дејности – зголемување од 13,2% и дејности во врска со недвижен имот – зголемување од 10,9%.
Што се однесува до месечните промени (октомври во однос на септември), најголем раст е забележан во дејности во врска со недвижен имот – 9,5%, информации и комуникации – 4,2% и административни и помошни услужни дејности – 3,6%.
Во октомври, бруто-платата по вработен изнесувала 69.089 денари.


