ГОДИНА ОД КОБНАТА НОЌ ВО КОЧАНИ – Раните остануваат, борбата за правда трае
Меморијалот „Недовршени соништа“ и 63 бели столчиња потсетија на младите животи што згаснаа.

Една година по катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, болката сѐ уште е длабока и кај родителите кои ги загубија своите деца, но и кај стотиците млади луѓе кои ја преживеаја ноќта на 16 март. Тие тогаш дојдоа на концерт на групата „ДНК“, а си заминаа со тешки изгореници, труење од отровни гасови и трауми што ќе ги носат цел живот.
Во трагедијата згаснаа 63 млади животи. Нивните имиња и денес се спомнуваат како опомена дека ваква несреќа никогаш повеќе не смее да се повтори.
Во меѓувреме се води судски процес од кој јавноста очекува вистината конечно да излезе на виделина, виновниците да одговараат, а семејствата на жртвите да добијат барем дел од правдата што ја бараат.
На годишнината од трагедијата, ноќеска во 2:32 часот, стотици жители на Кочани и околните места се собраа пред изгорениот објект на дискотеката „Пулс“. Со свеќи во рацете, во тишина и со придушен плач, тие им оддадоа почит на 63-те млади луѓе чиј живот згасна токму на тоа место.
Само ден или два претходно, нивните најблиски беа на гробиштата, каде се одржаа парастоси за душите на загинатите.
За преживеаните, пак, изминатата година беше исполнета со болка, долги медицински третмани и обид повторно да се вратат во нормалниот живот. Многумина од нив не се сеќаваат на првите часови, денови и недели по пожарот. Некои биле во кома и по еден месец. Од Кочани најпрво биле пренесени во локалната болница, потоа во Штип и Скопје, а најтешко повредените уште истата ноќ биле транспортирани во болници во соседните земји и пошироко, со цел да им се спаси животот.
Денес тие сведочат за тешката година зад себе – за физичките и психолошките последици, но и за постепеното прифаќање на новата реалност. Некои од нив велат дека се учат повторно да живеат, да ги издржат погледите на луѓето, но и да зборуваат за трагедијата што засекогаш им ги променила животите.
Сепак, кај многумина од нив постои силна желба да продолжат напред и да се изборат ова никогаш повеќе да не му се случи на никого.
Во тие напори голема поддршка даде иницијативата „Сапорт Кочани“ група млади ентузијасти кои веднаш по трагедијата се самоорганизираа и почнаа да ја координираат хуманитарната помош. Тие помогнаа донациите да стигнат директно до најпогодените семејства и со текот на времето прераснаа во симбол на солидарност и заедништво.
Во текот на изминатата година, родителите на загинатите и повредените станаа најгласните барачи на правда. Нивниот „Марш на ангелите“ започна веднаш по трагедијата како симболичен израз на болката, но и на решеноста вистината да се дознае.
Маршевите се одржуваа речиси секоја сабота во Кочани, а неколку пати и во Скопје пред државните институции.
Во меѓувреме, властите најавија реформи во системите за безбедност, инспекции и контроли. Но семејствата на жртвите велат дека ветувањата сѐ уште не се претворени во конкретни резултати.
По повод првата годишнина од трагедијата, Општина Кочани организираше тридневна комеморативна и духовна програма од 14 до 16 март.
Во рамки на одбележувањето беа одржани богослужби, беше отворен меморијалот „Недовршени соништа – секое име е нечиј свет“, а поставена беше и симболичната инсталација „63 бели столчиња – 63 животи“, придружена со муралот „Ѕид на сеќавање“.
Во ноќта на трагедијата, во 02:15 часот, граѓаните повторно се собраа пред објектот на дискотеката „Пулс“, во моментот кога пред една година избувна пожарот.
Во Скопје, пак, се одржа и „Меѓународна конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“, на која учествуваа лекари и експерти од повеќе земји кои помогнаа во лекувањето на повредените.
Годишнината од трагедијата беше одбележана и во други градови во земјата, од каде потекнуваа дел од жртвите и повредените.
Пораката што одекна од сите овие настани е иста: ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори. а на тоа секојдневно ѐ потсетуваат Диме Димитријев, Сара Алексова, Моника Спасова, Тоше Тодоровски, Александар Коларов, Адријан Живков, Александар Алексов, Горги Величков, Јорданчо Џамов, Иван Трајчев, Џоко Горгиев, Александар Глигоровски, Иван Величков, Андреј Стојанов, Ивона Антова, Павел Христовски, Никола Насевски, Тоше Богданов, Ана Коцева, Гордан Петрушов, Игорче Горгиев, Филип Стевановски, Томче Стојанов, Моника Стоименова, Стојанчо Стојанов, Сара Пројковска Николовска, Марија Шопова, Александар Горгиев, Петар Ивановски, Бојана Закова, Матеј Марковски, Горѓи Василков, Александар Петров, Андреја Горѓиевски, Марија Стрезоска, Александар Ефремов, Лепа Тасева Стојковска, Игор Велков, Божидар Минов, Мартин Атанасовски, Стефанија Соколова, Томас Златков, Кети Милковска, Виктор Јорданов, Андреј Панов, Спиро Стоименов, Јове Владимитов, Стефан Тасевски, Ице Андонов, Александар Стојанов, Сања Христова, Дамјан Танески, Андреј Лазаров, Драгана Минова, Филип Ивановски, Сара Јорданова, Леонид Велков, Надица Наунова, Димитар Иванов и Владимир Блажев.
За тоа, како што велат семејствата на жртвите и граѓаните, потребни се суштински промени во институциите, поголема одговорност и доследно почитување на законите без компромиси и без занемарување на безбедноста.


