ГНЕВ НА СТУДЕНТИТЕ – Ова е сексуално насилство, а не несреќен случај

Безбедноста на студентките не смее да биде само административна категорија. Ниту една жена не треба да се срами затоа што некој ја повредил нејзината интимност.

ГНЕВ НА СТУДЕНТИТЕ – Ова е сексуално насилство, а не несреќен случај
Фото: УСС - УКИМ

Со длабока вознемиреност и гнев реагираме на информациите за тајно снимање и фотографирање на студентки во бањите на студентскиот дом „Гоце Делчев“. Ова не е „несреќен случај“ или „непромисленост“, туку сериозен чин на сексуално насилство и грубо кршење на основните човекови права се вели во реакцијата на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УСС-УКИМ) по повод снимањето и сликањето на студентки додека се тушираат во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.

Она што особено вознемирува е не само самото дело, туку и фактот што ваквите ситуации повторно потврдуваат колку е небезбеден просторот кој треба да биде дом за младите луѓе – идната интелектуална и академска сила на нашата држава. Зад ова стои систем што не ја препознава безбедноста на жените како приоритет и култура што премолчува пред нивното понижување и траумата што тие ја доживуваат.

Бараме итна и темелна истрага, целосна одговорност од сите надлежни институции и јасен план за заштита на студентките. Без никакво одложување мора да се воспостават: безбедносни протоколи, достапна психолошка поддршка, ефикасни механизми за пријава на вакви случаи и задолжителни обуки за родова чувствителност на управите на домовите.

Студентските домови мора да бидат простори на сигурност – не на страв.

Секој што смета дека има право да ја наруши приватноста и да го сексуализира телото на една личност мора да знае: ќе одговара.

Овој случај уште еднаш ја разоткрива итната потреба од промена на културата што дозволува насилството врз жените да биде премолчено. Академската заедница има и морална и институционална обврска да се спротивстави на секоја форма на деградација и злоупотреба на женското тело.

Безбедноста на студентките не смее да биде само административна категорија. Ниту една жена не треба да се срами затоа што некој ја повредил нејзината интимност.

Срамот мора да смени страна.

Со почит,
УСС – УКИМ

CATEGORIES
TAGS
Share This