ГЛАВНИТЕ ПОРАКИ НА ТРАМП – Признание за Украина и критики кон ОН

Американскиот лидер остро ја критикуваше и работата на Обединетите нации, тврдејќи дека организацијата не решава, туку создава нови проблеми

ГЛАВНИТЕ ПОРАКИ НА ТРАМП – Признание за Украина и критики кон ОН
Фото: Принтскрин

Американскиот претседател Доналд Трамп, на отворањето на сесијата на високо ниво на Генералното собрание на Обединетите нации, изјави дека човештвото се наоѓа во ерата на најголемите кризи.

Трамп оцени дека почетокот на украинскиот конфликт е поврзан со грешки на американското раководство. Тој потенцираше дека неуморно работи на негово запирање, нагласувајќи го добриот однос со рускиот претседател Владимир Путин.

САД, според него, се подготвени да воведат „сериозни тарифи“ против Москва ако таа не се согласи да стави крај на конфликтот. Од Европа побара да воведе слични ограничувања за да се зголеми притисокот врз Русија. Во својот говор ги обвини Кина и Индија како „главни спонзори“ на војната поради нивната економска соработка со Москва.

Трамп потсети дека последен пат се обратил на ОН пред шест години, во време кога, според него, владееле мир и просперитет за време на неговиот прв мандат.

„Од тогаш, мирот што го воспоставив беше уништен од оружје и конфликти, а ерата на стабилност се претвори во ера на најголеми кризи“, изјави тој.

Американскиот претседател ја критикуваше администрацијата на Џозеф Бајден за „четири години радикализам“ кои, како што рече, ја ослабнале Америка, но нагласи дека денес таа повторно „нема конкуренција во светот“.

Трамп оцени дека НАТО за време на неговото водство станал „најсилен досега“. Истовремено предупреди дека Западна Европа е на работ на колапс поради миграцискиот притисок, кој, според него, носи насилство и несигурност.

„Време е да заврши неуспешниот експеримент со отворени граници. Вашите земји одат во пекол“, рече тој, додавајќи дека САД презеле решителни мерки за сузбивање на нелегалната имиграција.

Американскиот лидер остро ја критикуваше и работата на Обединетите нации, тврдејќи дека организацијата не решава, туку создава нови проблеми. Во шеговит тон додаде дека од ОН добил само „расипан ескалатор и телепромптер“.

По пристигнувањето во Њујорк, Трамп одбил да одговори на прашање дали ќе врши притисок врз украинскиот претседател Володимир Зеленски за директни преговори.

Годишните дебати на Генералното собрание ќе се одржат од 23 до 27 септември и на 29 септември. По традиција, први говори ќе одржат претседателот на Бразил Луиз Инасио Лула да Силва и американскиот претседател Доналд Трамп.

Русија ќе ја претставува министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, кој ќе се обрати на 27 септември.

CATEGORIES
TAGS
Share This