ГЛАСОТ НА НАРОДОТ ВО ЗАКОНОТ Граѓаните ќе можат да го сменат градоначалникот на референдум

Министерот нагласи дека целта на измените е зголемување на транспарентноста, отчетноста, борба против корупцијата и унапредување на дигитализацијата во општинските услуги.

ГЛАСОТ НА НАРОДОТ ВО ЗАКОНОТ Граѓаните ќе можат да го сменат градоначалникот на референдум

Собраниската Комисија за локална самоуправа ги усвои предложените измени на Законот за локална самоуправа, со кои се отвора можност граѓаните преку референдум да можат да го отповикаат градоначалникот пред истекот на неговиот мандат. Предлог-измените доаѓаат поради сè поголемото незадоволство на јавноста од работата на актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, за чие разрешување досега не постоеше законски механизам.

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, истакна дека измените се резултат на инклузивен процес, во кој учествувале и домашни и меѓународни експерти. Тој објасни дека предложените решенија се засноваат на препораките од Извештајот на Венецијанската комисија од 2019 година, кој се смета за релевантен европски документ што ги утврдува стандардите за локална демократија.

„Најголемиот предизвик во постојниот закон е отсуството на механизам за отчетност на градоначалниците. Иако тие се избираат директно од граѓаните, актуелниот закон не предвидува постапка за нивна смена пред крајот на мандатот“, изјави Перински.

Тој додаде дека новите одредби се внимателно срочени за да се спречи нивна евентуална злоупотреба.

Меѓу другите значајни измени е и намалувањето на прагот за покренување граѓанска иницијатива за донесување акти или решавање прашања во надлежност на општините.

Дополнително, се предвидува задолжително објавување на информациите за работата на општинските совети на веб-страниците или други јавни гласила на општините.

Со законските измени се предвидува и формирање на организациски единици за комунален ред и инспекциски надзор на локално ниво. Во општините со седиште во град, градоначалниците ќе имаат можност да назначат и главен градски архитект, со цел подобрување на урбанистичкото планирање.

Министерот нагласи дека целта на измените е зголемување на транспарентноста, отчетноста, борба против корупцијата и унапредување на дигитализацијата во општинските услуги.

Процесот на подготовка започнал во октомври минатата година, а јавни консултации се одржале во периодот од декември до февруари. По разгледување на предлогот преку системот ЕНЕР, тој беше одобрен на владина седница пред да стигне во Собранието.

CATEGORIES
Share This