ГАШИ СО УЛТИМАТУМ – Или фер „Вреди“ или оставка

Несогласувањата околу моделот на раководење и распределбата на влијанието го усложнуваат процесот на трансформација на коалицијата во партија.

ГАШИ СО УЛТИМАТУМ – Или фер „Вреди“ или оставка
Фото: Национал

Претседателот на Собранието и поранешен лидер на Алтернатива, Африм Гаши, порача дека при трансформацијата на коалицијата „Вреди“ во политичка партија, клучни мора да бидат принципите на рамноправност и консензуално одлучување. Во спротивно, тој најави дека Алтернатива нема да биде дел од новата партија и дека ќе поднесе оставка од функцијата претседател на Собранието.

Со ова, практично, Алтернатива не се согласува со актуелната понуда на лидерите на Беса и на Демократско движење, Билал Касами и Изет Меџити, според која „Вреди“ би се трансформирала во партија со двајца копретседатели, а нивните партии би имале по 35 отсто учество во партиските органи.

Останатите 30 проценти, според предлогот, би ги поделиле Алтернатива, фракцијата на Алијанса за Албанците предводена од вицепремиерот Арбен Фетаи, потоа Самоопределување претставено преку Беким Ќоку, како и Движење Арберија. Против моделот на копретседателство се изјасни и фракцијата на Алијанса за Албанците предводена од Фетаи.

„Разговараме за тоа како најдобро да се обедини ‘Вреди’, со цел процесот да има позитивни ефекти не само за одредени партии, туку и за целиот политички систем. Кога во еден блок има дисбаланс и премногу партии, тоа се одразува и врз односите при формирањето влада. Мора да ја надминеме фазата на атомизација и да одиме кон окрупнување“, изјави Гаши на брифинг со новинарите.

Тој оцени дека „Вреди“ треба да се движи кон поголема хомогенизација, но предупреди дека процесот мора да биде внимателен за да не предизвика внатрешни штети. Сепак, Гаши не откри дали Алтернатива целосно го отфрла предлогот, посочувајќи дека конечниот став ќе биде соопштен откако претседателот на партијата, Беким Сали, ќе ги сумира внатрепартиските позиции.

„Јас зборувам за тоа што сметам дека е добро. Како ќе одлучи партијата, така ќе постапам и јас. Доколку Алтернатива ја одбие понудата, ќе поднесам оставка од функцијата претседател на Собранието. Не постојат суштински разидувања, туку се бара најдобриот модел за формирање на партијата ‘Вреди’“, истакна Гаши.

Во меѓувреме, фракцијата на Алијанса за Албанците предводена од Фетаи се залага за модел на ротирачко партиско раководство. Министерот за здравство, Азир Алиу, во интервју за Алсат изјави дека овој модел обезбедува еднаквост, но не ја исклучи можноста партијата да ја води и еден лидер, доколку тој биде прифатен како обединувачка фигура.

CATEGORIES
Share This