ФУДБАЛСКИОТ СВЕТ ВО ТАГА – Почина Мирчеа Луческу
Легендарниот тренер, трет најтрофеен во историјата на фудбалот, остави неизбришлива трага во клубови како Шахтјор Доњецк, Интер, Галатасарај и Бешикташ, како и во националните тимови на Романија и Турција.

Фудбалскиот свет денеска се простува од легендарниот романски стратег, Мирчеа Луческу, кој почина на 80-годишна возраст во универзитетската болница во Букурешт, каде што беше хоспитализиран од 29 март.
Доскорешниот селектор на Романија остана активен до самиот крај и ја водеше репрезентацијата во полуфиналето од баражот за пласман на Светското првенство против Турција, со што стана највозрасниот селектор кој водел национален тим на официјален натпревар.
Според информациите, Луческу починал по серија компликации што се појавиле во вторникот. Тој веќе една недела беше во болница, откако колабирал во соблекувалната на репрезентацијата поради вентрикуларна тахикардија за време на технички состанок со играчите. Состојбата дополнително се влошила во петокот, кога доживеал и акутен инфаркт.
Луческу остави зад себе импресивна кариера и ќе остане запаметен како трет најтрофеен тренер во историјата на фудбалот со вкупно 38 официјални трофеи. Во Лигата на шампионите водел 115 натпревари и се наоѓа меѓу тренерите со најмногу настапи во елитното европско натпреварување.
За време на кариерата седел на клупата на големи клубови како Интер, Галатасарај и Бешикташ, но најдлабока трага остави во Шахтјор Доњецк, каде што помина цели 12 години создавајќи доминантен тим. Покрај тоа, тој беше и селектор на Турција и Романија.
