ФСС ГО ПОТВРДИ ИЗБОРОТ Струмичанецот Пауновиќ станува 12-тиот селектор на Србија

Договор на Пауновиќ е до 2030 година со проширени овластувања за раководење и развојот на сите национални селекциии

ФСС ГО ПОТВРДИ ИЗБОРОТ Струмичанецот Пауновиќ станува 12-тиот селектор на Србија
Фото: ФСС

Вељко Пауновиќ денес и официјално беше назначен за нов селектор на српската фудбалска репрезентација. На свеченоста во Спортскиот центар на ФСС во Стара Пазова, Пауновиќ го потпиша договорот со раководството на Фудбалскиот сојуз на Србија, кој ќе важи до 2030 година. Со новиот мандат, тој добива и проширени овластувања и ќе биде вклучен во координацијата и развојот на сите национални селекции, од младинските категории до сениорскиот тим.

Со ова назначување, Пауновиќ станува 12-тиот селектор во историјата на независна Србија, преземајќи ја репрезентацијата во период кога се очекуваат реформи и нова енергија во националниот тим.

Потсетуваме, Пауновиќ доаѓа на местото на Драган Стојковиќ – Пикси и првично беше замислен како привремено решение за двата преостанати натпревари во квалификациите за Светското првенство во Канада, САД и Мексико. Ја предводеше Србија на последните два квалификациски натпревари, поразот од Англија на „Вембли“ со 2-0 и победата над Летонија во Лесковац со 2-1. Сега пристигна и официјална потврда дека е назначен за нов селектор на Србија до 2030 година.

Вељко Пауновиќ е роден на 21 август 1977 година во Струмица, како син на Македонка и Србин. Во детството живеел во Струмица до осмата година, по што се преселил во Белград. За време на својата играчка кариера имал можност да настапува за македонската репрезентација, но ја одбил, надевајќи се на повик од Србија, кој, сепак, никогаш не стигнал.

CATEGORIES
Share This