ФРАПАНТНО СВЕДОЧЕЊЕ ВО СЛУЧАЈОТ ОНКОЛОГИЈА – Пациенти лекувани без потребни анализи
Словенечкото вешто лице Маја Равник пред судот посочи дека кај пациенти била применувана терапија без потребни анализи, што довело до прогресија на болеста.

Во Основниот кривичен суд денеска продолжи судењето за случајот „Онкологија“, на кое сведочеше словенечкото вешто лице Маја Равник, изнесувајќи вознемирувачки наоди за начинот на лекување на дел од пациентите на Клиниката за онкологија. Таа посочи дека кај одредени пациенти била применувана имунотерапија без претходно спроведени неопходни молекуларни анализи, што резултирало со прогресија на болеста и значително влошување на нивната здравствена состојба.
Според Равник, евидентирани се случаи во кои пациентка истовремено била третирана за два различни типа на карцином, без јасна потврда кој од нив е активен, како и случаи на давање хемотерапија кај пациенти во терминална фаза.
„Применетата терапија била несоодветна, болеста не била ставена под контрола, што довело до дополнително влошување на состојбата, заедно со напредувањето на карциномот“, изјави вештакот пред судот.
Таа нагласи дека во најголем дел од анализираните случаи, лекарите не се раководеле од реалните медицински потреби на пациентите, туку препишувале лекови без соодветни индикации за конкретниот тип на карцином.


