ФОТОГРАФСКА ИЗЛОЖБА НА ПЕРОНОТ Гевгелија патува низ времето преку светите места
Невообичаен културен настан го разубави секојдневието на Гевгеличани – перонот на Железничката станица во градот прерасна во уметничка галерија.
Невообичаен културен настан го разубави секојдневието на Гевгеличани – перонот на Железничката станица во градот прерасна во уметничка галерија. Наместо во вообичаен изложбен простор, 17 фотографии инспирирани од црквите и манастирите во Гевгелиско беа изложени на штафелаи, нудејќи ретка симбиоза на уметност, историја и духовност.
Автор на фотографиите е Иван Кал`чев, а изложбата е дел од проект на Етнокореолошкиот оддел при Домот на културата „Македонија“ – Гевгелија, во рамките на трудот на м-р етнокореолог Силвестер Проле. Изложбата претставува визуелно „патување низ времето“, при што самиот избор на железничкиот перон како локација симболично го засилува концептот – заминувања, пристигнувања и културни средби.
„Фотографиите се повик за запознавање со духовното и културното наследство во Конско, Ума и Серменин, но и инспирација за туристите да ги посетат овие свети места,“ вели Проле.
На изложените фотографии доминираат детали од архитектурата на храмовите и портрети на луѓе во традиционална носија – автентична слика на народниот идентитет.
„Црквите и манастирите се повеќе од религиозни објекти. Тие се живи носители на традицијата – места каде што се одржувале собири, се пеело, се играло, и каде што културата и верата се преплетувале низ вековите,“ додава Проле.
Изложбата е дел од манифестацијата „Гевгелија – Град на културата 2025“ и во следниот период ќе биде претставена и во други градови низ Македонија.


