ФОН ДЕР ЛАЈЕН НА БАЛКАНОТ – Македонија последна станица пред изборите

Ова ќе биде петта по ред турнеја на Фон дер Лајен низ Западниот Балкан, што уште еднаш ја потврдува важноста на регионот за Европската унија.

ФОН ДЕР ЛАЈЕН НА БАЛКАНОТ – Македонија последна станица пред изборите
Фото: Принтскрин

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, следната недела ќе ја започне својата годишна турнеја низ Западниот Балкан, во рамки на која в среда попладне ќе престојува и во Скопје, соопшти портпаролката на ЕК, Паула Пињо.

За време на посетата на Северна Македонија, Фон дер Лајен ќе оствари одвоени средби со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и со претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Турнејата ќе започне в понеделник во Тирана, каде што таа ќе се сретне со албанскиот претседател Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама, а потоа ќе се обрати на отворањето на Регионалниот инвестициски форум на ЕУ за Западниот Балкан.

Истата вечер, Фон дер Лајен ќе замине за Тиват, каде ќе има средби со црногорскиот претседател Јаков Милановиќ и премиерот Милојко Спајиќ, а наредниот ден ќе учествува на Инвестициската конференција за паметна и зелена иднина.

Во вторник таа ќе престојува и во Сараево, каде ќе се сретне со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина и со претседавачката на Советот на министри, Борјана Кришто, како и ќе го посети Меморијалниот центар во Сребреница.

Средата Фон дер Лајен ќе ја започне во Белград, на средби со српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот Ѓуро Мацут, а потоа ќе отпатува во Приштина на средби со косовската претседателка Вјоса Османи и техничкиот премиер Аребен Курти.

Последната дестинација од турнејата ќе биде Скопје, каде што Фон дер Лајен ќе пристигне в среда попладне.

Според Европската комисија, оваа посета ќе биде прилика претседателката на ЕК да ја потврди поддршката за европската перспектива на земјите од регионот, нивниот постепен пристап до Единствениот европски пазар и спроведувањето на Планот за раст на Западниот Балкан.

Ова ќе биде петта по ред турнеја на Фон дер Лајен низ Западниот Балкан, што уште еднаш ја потврдува важноста на регионот за Европската унија.

CATEGORIES
Share This