„ФИСКАЛНО НЕРЕАЛЕН И СОЦИЈАЛНО ШТЕТЕН“ СДСМ жестоко против ребалансот на Буџетот

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, остро го критикуваше предложениот ребаланс на Буџетот, нарекувајќи го доказ за „целосниот неуспех на економската политика“ на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Според неа, економијата тоне, граѓаните се игнорирани, а власта продолжува со луксузирање.
Лукаревска посочи дека ребалансот не предвидува покачување на плати во образованието и здравството, ниту средства за поддршка на повредените и семејствата од трагедијата во Кочани. Таа алармираше дека се кратат 30 милиони евра од субвенции и социјални трансфери, што директно ги погодува земјоделците и најранливите граѓани.
Истовремено, рече Лукаревска, се зголемуваат трошоците за стоки и услуги за Владата – што според неа значи „повеќе папаја, манго и авантури за функционерите“. Дополнителни 70 милиони евра од неданочни приходи, како што рече, ќе бидат одземени од јавните претпријатија, што го отежнува нивниот развој.
Лукаревска предупреди и дека Фондот за пензиско осигурување добива дополнителни 35 милиони евра, што, според неа, е знак дека придонесите не се наплаќаат доволно. Реализацијата на капиталните инвестиции до мај е само 22%, што е за 14% помалку од лани.
„Растот од 3% не е развој, туку ползење“, рече Лукаревска, потсетувајќи дека во 2021 година растот бил 4,5%. Таа ја оспори и најавата за намален јавен долг, велејќи дека истиот во 2024 година пораснал за над една милијарда евра.
СДСМ поднесе 160 амандмани.
„Овие амандмани се реални и има простор во Буџетот за нив. Но за тоа, мора да се стави крај на расипништвото“, рече Лукаревска, повикувајќи на солидарност и одговорност од сите пратеници.
„Не за луксузирање на власта, ДА за повеќе пари кај народот“, заклучи таа.


