По повеќе од една деценија застој, Министерството за образование и наука (МОН) го активира процесот за конечно довршување на двата недоградени објекти во близина на Ректоратот на УКИМ.
Според актуелните планови, објектите ќе бидат наменети исклучиво за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), додека за Факултетот за физичко образование е предвидена изградба на нова зграда на неговата постојна локација.
Проф. д-р Горан Марковски, координатор на стручната анализа, посочува дека новиот концепт предвидува отстапување од досегашните барокни фасади, со цел објектите визуелно да се вклопат во архитектонскиот амбиент на кампусот на УКИМ. Двете згради ќе бидат поврзани со подземен паркинг што ќе овозможи поголема функционалност. Тендерската постапка за репроектирање е веќе завршена, а изборот на изведувач се очекува до крајот на 2026 година.