ФИНАЛЕ ВРЕДНО 100 МИЛИОНИ ФУНТИ Англиски пресметка во Билбао
Финалето ветува драматика, историја и висока влог. Само еден ќе ја спаси сезоната и ќе се приклучи на европската елита.

Фудбалска Европа вечерва ќе биде сведок на уште едно англиско финале – Тотенхем и Манчестер Јунајтед од 21 часот ќе се сретнат на „Сан Мамеш“ во Билбао во завршната пресметка од Лигата на Европа. Освен за престижот и трофејот, двата тима ќе се борат и за место во наредната сезона од Лигата на шампионите – награда која финансиски се проценува на околу 100 милиони фунти.
И двата клуба имаат разочарувачка сезона во Премиер лигата и коло пред крајот се наоѓаат во долниот дел од табелата, опасно блиску до зоната за испаѓање. Затоа, евентуалниот триумф вечерва се гледа како единствен начин да се спаси сезоната и да се обезбеди елитен европски фудбал во 2025/26.
Ова е шесто целосно англиско финале во европските купови на УЕФА, а менаџерите Анге Постекоглу (Тотенхем) и Рубен Аморим (Манчестер Јунајтед) се надеваат на првиот голем трофеј со своите екипи. За Тотенхем, тоа би значело крај на 17-годишниот пост без значаен трофеј – последен пат Лондонците славеа во 2008 година. Клубот има можност по трет пат да ја освои оваа титула, откако тоа го направи во 1972 и 1980 година, и да се изедначи со Ливерпул по бројот на триумфи во ова натпреварување.
Од друга страна, Манчестер Јунајтед го брка вториот трофеј во Лига Европа, по победата во 2017 година против Ајакс. Интересно, дел од тој состав на Ајакс беа сегашните играчи на Јунајтед – голманот Андре Онана и дефанзивецот Матијс де Лихт. Екипата на Аморим е непоразена во текот на целото натпреварување, а со евентуален триумф вечерва може да стане само четвртиот клуб што ја освојува Лига Европа без пораз.
Црвените ѓаволи“ се и најофанзивниот тим оваа сезона со 35 постигнати голови. За Рубен Аморим, ова е шанса да стане само третиот менаџер на Јунајтед кој освојува трофеј во дебитантската сезона, по Жозе Мурињо (2018) и Ерик тен Хаг (2023).
Историјата е благо наклонета кон Тотенхем – тимот од северен Лондон не знае за пораз од Јунајтед во последните шест меѓусебни дуели и веќе трипати ги има победено оваа сезона. Единствениот европски дуел помеѓу двата тима датира од сезоната 1963/64, кога Јунајтед триумфираше со вкупни 4-3 и се пласираше во четвртфиналето од Купот на победници на купови.
Во пресрет на финалето, двете екипи се соочуваат со кадровски проблеми. Манчестер Јунајтед доби позитивни вести – Џошуа Зиркзе, Лени Јоро и Диого Далот се вратија на тренинзите и патуваа со тимот. Сепак, Лисандро Мартинез и Матијс де Лихт остануваат надвор поради повреди.
Кај Тотенхем, Анге Постекоглу го потврди отсуството на Дејан Кулушевски за финалето и за следните неколку месеци. Надвор од комбинација се и Џејмс Медисон, Лукас Бергвал, Раду Драгушин и Тимо Вернер.
Финалето ветува драматика, историја и висока влог. Само еден ќе ја спаси сезоната и ќе се приклучи на европската елита.


