ФИЛМОТ ЕДНА БИТКА ПО ДРУГА – Најголем број награди на Critics Choice 2026
„Франкенштајн“ доби четири признанија за споредна улога, костим, фризура и продукциски дизајн

Филмот „Една битка по друга“ (One Battle after Another), со Леонардо ди Каприо и Шон Пен, беше големиот победник на 31. доделување на Наградите по избор на критичарите (Critics Choice Awards 2026). Остварувањето ја понесе наградата за најдобар филм, а Пол Томас Андерсон беше прогласен за најдобар режисер.
Сепак, најмногу признанија по четири добија филмовите „Грешници“ (The Sinners) и „Франкенштајн“. „Грешници“ ја освои новата категорија за најдобар кастинг и филмска екипа, како и наградите за најдобар млад актер, оригинално сценарио и музика. „Франкенштајн“ пак, ги доби наградите за најдобра споредна машка улога (Џејкоб Елорди), најдобар продукциски дизајн, најдобар костим и најдобра фризура и шминка.
Во главните актерски категории, Тимоти Шаламе беше прогласен за најдобар актер за улогата во „Марти Величествениот“, а Џеси Бакли ја понесе наградата за најдобра актерка за „Хамнет“. Ејми Мадиган ја доби наградата за најдобра женска споредна улога во „Исчезнатите“ (Weapons).
Песната „Golden“ од филмот на Нетфликс „Кеј-поп ловци на демони“ (KPop Demon Hunters) беше прогласена за најдобра, а филмот освои и награда за најдобар анимиран филм. Во телевизиските категории, доминираше мини-серијата „Адолесценција“ (Adolescence), која освои три награди за глума, додека драмската серија „Интензивна нега: Питсбург“ (The Pitt) беше прогласена за најдобра, а „Студио“ (The Studio) за најдобра комедија. Наградата за најдобро ток-шоу ѝ припадна на „Емисијата на Џими Кимел“.
Доделувањето се одржа во салата „Баркер“ во Санта Моника, Калифорнија, а за водителка се погрижи Челси Хендлер, четврта година по ред. Оваа година беа воведени и четири нови категории: најдобар кастинг и филмска екипа, најдобра забавна програма, дизајн на каскадерски сцени и звук.


