ВЛАДЕАЧКАТА КОАЛИЦИЈА Е ОСУДЕНА НА НЕУСПЕХ Ја врзуваат само теснопартиски и финансиски интереси вели Филипче
Лидерот на СДСМ потврди дека партијата активно се подготвува за претстојните избори и ја зацврстува својата коалиција од 14 партии, со кои веќе се работи на креирање изборни листи

„Прашање на време е кога владината коалиција ќе се распадне“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, коментирајќи ја нестабилната состојба во владата, особено по најновите несогласувања внатре во Алијанса за Албанците, предводена од Арбен Таравари.
На новинарски прашања при отворањето на нова градинка во Општина Центар, Филипче остро ја критикуваше моменталната коалициска структура на владата, велејќи дека таа не се темели на вредности, туку на лични и партиски интереси.
„Тоа што во последно време се случува во владејачката коалиција укажува дека единствена работа којашто ги води партиите се нивни теснопартиски и финансиски интереси“, изјави лидерот на СДСМ.
Според него, ваквата политичка конструкција нема идеја, визија или капацитет за водење на државата, што, како што рече, се потврдува секојдневно.
Во однос на можноста за соработка со Алијанса за Албанците доколку Таравари ја напушти Владата, Филипче изјави дека сè ќе зависи од понатамошниот тек на настаните.
„Не знаеме како Арбен Таравари ќе се однесува понатаму, дали ќе прави некакви коалиции или не. Да почекаме и да видиме. Тоа не е наша работа“, додаде тој.
Лидерот на СДСМ потврди дека партијата активно се подготвува за претстојните избори и ја зацврстува својата коалиција од 14 партии, со кои веќе се работи на креирање изборни листи. Најави и почеток на процес на разговори со можни нови партнери.


