ФИЛИПЧЕ УДИРА ПО ВЛАСТА – Земјоделците оставени сами на себе
Запуштените системи за наводнување дополнително ја влошуваат состојбата

Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска беше во Криволак, каде што оствари средби со земјоделци, лозари и производители на житни култури, при што ја оцени состојбата во секторот како сериозно загрижувачка.
Тој истакна дека во услови на раст на цените на горивата, земјоделците се соочуваат со сè поголеми трошоци кои директно влијаат врз нивната егзистенција и одржливоста на производството. Според него, постои реален ризик од недостиг на одредени култури, особено житарици, што може да доведе до дополнително поскапување на лебот до крајот на годината.
Филипче посочи и на системски проблеми и недоволно одржувани системи за наводнување, запуштени канали и несоодветна откупна политика кои дополнително ја отежнуваат работата на земјоделците. Како клучни предизвици ги наведе ниските откупни цени, недоволните субвенции и високите трошоци за работна сила, вода и ѓубрива.
Дополнително, тој нагласи дека недостигаат средства од ИПАРД-програмата, што создава дополнителен финансиски притисок врз земјоделскиот сектор. Најави дека СДСМ ќе предложи нови законски решенија за поддршка на земјоделците, потсетувајќи на минатогодишниот предлог за зголемување на откупната цена на грозјето, кој не добил поддршка од власта.
На крајот, Филипче изрази сомнеж дека актуелната власт ќе покаже разбирање за проблемите, но сепак нагласи дека е неопходно итно да се преземат мерки за поддршка на земјоделците.
