ФИЛИПЧЕ СЕ ОПРЕДЕЛИ: Потребно е процентуално зголемување на пензиите иако ги наградува пензионерите со високи пензии
Филипче најавува и укинување на линеарното зголемување на пензиите од страна на Уставниот суд

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција обвини дека Владата донела „несоодветно и веројатно противуставно“ решение за линеарното зголемување на пензиите, кое, како што најави, Уставниот суд ќе го укине.
Филипче рече дека за само година и пол владеење, владата на Христијан Мицкоски создала „хаос и нестабилност“ во Фондот за ПИОМ, доведувајќи ја во прашање и редовната исплата на пензиите.
„Премиерот Мицкоски и владата на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди се обидуваат да ја префрлат вината на СДСМ со бесрамни манипулации. Сакам да им порачам на пензионерите – неизвесноста околу зголемувањето и исплатата на пензиите е последица на погрешните политики на актуелната власт,“ изјави Филипче.
Тој потсети дека законското решение усвоено во времето на СДСМ предвидувало усогласување на пензиите со растот на инфлацијата и минималната плата – 50% според инфлацијата и 50% според растот на платите што, според него, обезбедувало стабилност и предвидливост.
Од СДСМ веќе неколку дена тврдат дека во ПИОМ недостигаат средства за исплата на пензии. Од Фондот, пак, ги демантираат овие наводи и уверуваат дека исплатата ќе се одвива непречено.

