ФИЛИПЧЕ ПОРАЧУВА – Земјата не е подготвена за укинување на техничката влада

Реформите и препораките на ЕУ мора целосно да профункционираат пред укинување на техничката влада

ФИЛИПЧЕ ПОРАЧУВА – Земјата не е подготвена за укинување на техничката влада
Фото: СДСМ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја отфрли иницијативата за укинување на техничката влада, која произлезе од денешната лидерска средба на која тој не присуствуваше. Според него, тоа може да се случи само кога државата ќе биде институционално подготвена и усогласена со европските стандарди.

„Укинувањето на техничката влада може да биде тема на разговор дури кога општеството ќе созрее за тоа. Демократијата и фер изборите не смеат да бидат предмет на политички пазар“, изјави Филипче.

Филипче додава дека најпрво мора целосно да се спроведат реформите во правосудството и институциите, согласно препораките на ЕУ.

Тој потенцира дека реформските закони мора не само да се донесат, туку и да функционираат во пракса – во судството, обвинителството, полицијата и системот на правда.

Осврнувајќи се на економската состојба, лидерот на СДСМ обвини дека власта брза кон избори поради сериозни финансиски проблеми. Според него, во државниот буџет недостигаат околу 2 милијарди евра: 500 милиони евра недостиг на приходи, 680 милиони евра дефицит, 700 милиони евра неплатени обврски кон фирми и до 150 милиони евра неисплатен поврат на ДДВ. Дополнително предупреди на нови задолжувања преку кредити и еврообврзница.

Филипче тврдеше и дека власта води анти-европска политика преку конфликти со соседите, националистички теми и дистанцирање од САД. Како пример го посочи вицепремиерот Стоилковиќ и неговите контакти со „Ноќните волци“, група блиска до Кремљ.

„Гледаме ограничување на демократијата, партизација на институциите и притисок врз слободата на говорот. Дури и во парламентот се носат акти што ја ограничуваат работата на опозицијата“, оцени тој.

Филипче заклучи дека СДСМ ќе поддржи исклучиво реформи што ја движат државата кон ЕУ и додаде дека за разлика од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, неговата партија договори прави само со граѓаните.

CATEGORIES
TAGS
Share This