ФИЛИПЧЕ НАЈАВУВА МЕРКИ – Олеснување на економската криза за граѓаните
Намалување на ДДВ за горивата, укинување на ДДВ за основните прехранбени продукти и преполовување на патарините се дел од предлозите.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција најави дека пратеничката група на партијата ќе поднесе пакет закони со кои ќе се помогне на граѓаните полесно да се справат со последиците од економската криза предизвикана од зголемувањето на цените на горивата.
Предлозите предвидуваат намалување на ДДВ за горивата од 18% на 5%, намалување на акцизата за четири денари, укинување на ДДВ за основните прехранбени производи и преполовување на цените на патарините.
Филипче нагласи дека овој потег е резултат на неактивноста на Владата, која досега не прифатила ниту еден од предлозите на СДСМ за намалување на цените на горивата.
„За само една недела, по првото поскапување на горивата, граѓаните платија три милиони евра повеќе според просечната потрошувачка на дериватите. Со новото покачување, неделно ќе плаќаат 4,5 милиони евра повеќе, пари кои се одземени од нив и од компаниите“, истакна Филипче.
Тој посочи дека апелите и предлозите упатени кон Владата не наишле на никаква реакција, па затоа СДСМ ќе поднесе законски решенија преку Собранието за да им се помогне на граѓаните да ја надминат кризата.
Филипче, исто така, се осврна на европскиот пат на земјата, кој според него, е тесно поврзан со економијата и регионалните процеси.
„Тој пат е целосно блокиран. Нема никаков напредок, а премиерот јасно кажа дека нема да се направи чекор напред кон Европската унија. Тоа значи дека нашите граѓани, по децении чекање, сега ќе бидат ограничени во пристапот до единствениот пазар од 500 милиони луѓе и слободното движење низ европските земји. Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ одлучуваат сами да го запрат европскиот пат“, нагласи Филипче.


