ФИФА СО РЕКОРДЕН НАГРАДЕН ФОНД ОД 655 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ЗА МУНДИЈАЛОТ 2026 – Еве колку добива Македонија доколку успее во баражот
Пласманите од 5-то до 48-мо место исто така добиваат значителни награди

ФИФА објави дека наградниот фонд за Светското првенство 2026 ќе изнесува рекордни 655 милиони долари, што е зголемување од 50% во однос на Мундијалот во Катар 2022.
Секоја квалификувана репрезентација ќе добие дополнителни 1,5 милиони долари за подготовките, што го зголемува вкупниот износ на 727 милиони долари за учесниците.
Наградите за најдобрите тимови се: Светски шампион: 50 милиони долари, вицешампион: 33 милиони долари, трето место: 29 милиони долари, четврто место: 27 милиони долари, пето до осмо место: 19 милиони долари, деветто до 16 место: 15 милиони долари, 17 до 32 место: 11 милиони долари и 33 до 48 место: 9 милиони долари.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, истакна дека Светското првенство 2026 ќе биде пресвртница за финансиските придонеси кон глобалната фудбалска заедница.
Според овој финасиски награден план на ФИФА, што се однесува до Македонија доколку нашата фудбалска репрезентација се пласира на СП 2026, а постојат шанси преку баражот во март догодина, тогаш ФФМ ќе добие од ФИФА најмалку 10,5 милиони долари.


