ФИФА ПОПУСТЛИВА Роналдо доби еден меч забрана, два условни
И покрај инцидентот, Роналдо останува дел од составот за неговото шесто Светско првенство.

Дисциплинската комисија на ФИФА денеска му изрече суспензија од еден натпревар на португалската ѕвезда Кристијано Роналдо, поради црвениот картон добиен на дуелот со Ирска во квалификациите за Светското првенство 2026.
Роналдо беше исклучен во 61. минута, откако со лакт го удри домашниот дефанзивец Дара О’Ши. Првично се очекуваше португалскиот напаѓач да добие забрана од три натпревари, што ќе значеше пропуштање на првите два меча од групната фаза на Мундијалот. Сепак, ФИФА реши да го казни со суспензија од еден натпревар, а дополнителни два да му останат условни.
Роналдо веќе ја одработи казната, бидејќи не настапи на последниот квалификациски меч против Ерменија, кој Португалија го доби убедливо со 9-1.
Претстојното Светско првенство во САД, Мексико и Канада ќе биде шесто во неговата блескава кариера. За репрезентацијата на Португалија досега има одиграно 226 натпревари и постигнато 143 голови.

