ФФМ ГО САНКЦИОНИРА СЕЈДИНИ – Две години забрана поради финансиска измама

Поранешниот претседател на ФФМ е санкциониран поради авансна исплата од околу 700.000 евра без банкарска гаранција

ФФМ ГО САНКЦИОНИРА СЕЈДИНИ – Две години забрана поради финансиска измама
Фото: Принтскрин

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска му изрече двегодишна забрана за вршење функција на својот поранешен претседател Муамед Сејдини поради финансиска измама поврзана со градежните работи на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид.

Сејдини е санкциониран за злоупотреба на службената положба во врска со авансна исплата од околу 700.000 евра кон фирмата-изведувач задолжена за изградба на нова трибина на охридскиот стадион.

Како што соопшти ФФМ, Одборот за итност на Федерацијата на 27 ноември 2024 година донел одлука да ја прифати понудата на ДПТУ „Енергоинвест Трејд“ ДОО Скопје во износ од 202.919.610 денари, без предвиден услов за авансно плаќање, при што Сејдини бил овластен да потпише договор согласно таа одлука.

Сепак, спротивно на донесеното решение, на 3 декември 2024 година Сејдини потпишал договор со вметнат услов за авансно плаќање од 20 проценти, без обезбедена банкарска гаранција и без соодветно овластување.

„Со ваквото постапување, Муамед Сејдини го довел во заблуда Управниот одбор на ФФМ и нанел сериозна материјална штета на Федерацијата“, наведуваат од ФФМ,

Тие додаваат дека поради тоа е изречена соодветна дисциплинска санкција.

Муамед Сејдини беше претседател на ФФМ во два мандати, во периодот од 2019 до 2025 година.

CATEGORIES
Share This