ФФМ ДОНИРА 2000 ФУДБАЛСКИ ТОПКИ „Вашата приказна е дел од македонскиот фудбал“

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) започна голема акција за поддршка на локалните фудбалски клубови ширум државата, донирајќи речиси 2000 фудбалски топки на сите Општински фудбалски сојузи, без исклучок. Оваа иницијатива има за цел да го поттикне развојот на фудбалот на локално ниво и да создаде подеднакви можности за младите спортисти во сите општини.
„Секоја фудбалска топка е порака: Вашиот клуб е важен. Вашата приказна е дел од македонскиот фудбал,“ порачаа од ФФМ, потенцирајќи дека целта е да се охрабрат младите да се вклучат во спортот, без разлика каде живеат или од какво потекло доаѓаат.
Со оваа донација, ФФМ не само што испраќа конкретна поддршка, туку и јасна порака: фудбалот им припаѓа на сите – од најмалите игралишта во руралните средини, до големите стадиони низ градовите.


