ФФМ ЈА ИСПОЛНИ ГОДИШНАТА ПРОГРАМА – Нов селектор, реформи и стабилен фудбал

Омрагиѓ истакнува дека националниот тим ќе влезе во баражот со Данска со поголем интензитет и мотив.

ФФМ ЈА ИСПОЛНИ ГОДИШНАТА ПРОГРАМА – Нов селектор, реформи и стабилен фудбал
Фото: Национал

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, на средбата со медиумите истакна дека ФФМ во 2025 година ги исполнила сите цели поставени на почетокот на неговиот мандат. Тој зборуваше за изборот на нов селектор, реформите во младинските категории, стабилизацијата на финансиското работење, судиските стандарди, инфраструктурните проекти и понатамошната реорганизација на федерацијата.

„Во фудбалот е воведен нов ред, а пред репрезентацијата и федерацијата е година во која најважно е сите да бидеме сплотени пред баражот со Данска“, порача Омерагиќ.

Во однос на изборот на нов селектор, Омерагиќ објасни дека разделбата со Благоја Милевски била внимателно анализирана и неопходна:

„Дојдовме до заклучок дека е потребна нова енергија. Милевски беше селектор на играчите 10 години, и природно е со толку долг период да дојде до пад на енергијата.“

Претседателот додаде дека очекува националниот тим да влезе во баражот со Данска со поголем интензитет и мотивација.

„Мислам дека со оваа промена и во баражот ќе настапиме со повеќе енергија. Во фудбалот нема правило дека секогаш се прави најточниот избор, тоа ќе го покаже времето.“

Омерагиќ се осврна и на реакцијата на Игор Ангеловски по назначувањето на Горан Седлоски, оценувајќи ја како некоректна:

„Критиките треба да доаѓаат по резултати, а не пред нив. Човечки, културно и спортски е да се даде поддршка за избраниот селектор. Ангеловски ги стави своите лични амбиции пред репрезентацијата, што е некоректно.“

Во однос на судиските стандарди, Омерагиќ оцени дека оваа сезона била најстабилна во последните години. Од наредната полусезона, секој клуб ќе може да го слушне аудио образложението за спорните судиски одлуки, со порака:

„Ние немаме што да криеме.“

ФФМ веќе ја реорганизирала академијата и ја поставила младинската структура на нови основи, а резултатите се видливи. Скратувањето на Првата лига од 12 на 10 клубови било исправна одлука, а следниот чекор е намалување на Втората лига на 12 екипи. Се анализира и дали Третата лига треба да продолжи во актуелната форма.

Федерацијата работи штедливо: трошоците за угостителски услуги се намалени за 9 до 10 милиони денари, а во меѓувреме се набавени околу 15 нови возила без зголемување на потрошувачката на гориво. Омерагиќ предупреди дека најголем предизвик останува обезбедувањето средства за големите инфраструктурни проекти, кои веќе се во тек во неколку градови.

Во женскиот фудбал, селекторот добил целосно овластување за комплетна реорганизација, а сите квалитетни фудбалерки од У17 и У19 ќе преминат во А-селекцијата. Омерагиќ потенцираше дека се подготвени да чекаат дури и преку порази, ако тоа значи созревање на тимот.

Во врска со неговиот син, капитенот на Вардар Азар Омерагиќ, претседателот категорично одговори дека не се меша во неговата кариера. Потврди и дека ФФМ води разговори со фудбалери во странство со македонско потекло за настап под државниот дрес.

„До баражот со Данска сите да бидеме сплотени и да дадеме поддршка на репрезентацијата“, заклучи Омерагиќ.

CATEGORIES
Share This