ФЕВРУАРСКА ПРОГРАМА НА КИНОТЕКАТА НА МАКЕДОНИЈА – Отворање со филмот „Приказната за Силјан“
Наградуван документарец за кревката врска меѓу човекот и природата

Кинотеката на Македонија ја започнува февруарската програма со наградуваниот документарен филм „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска. Филмот ќе се прикажува од 2 до 7 февруари со проекции од 18:00 и 20:00 часот, а дополнителни проекции ќе има на 12, 13 и 14 февруари.
Документарецот раскажува приказна за земјоделецот Никола, кој случајно наоѓа ранет бел штрк на депонија и одлучува да му помогне. Нивната кревка врска, изградена на доверба, постепено станува спасоносна за Никола, му ја враќа смислата на животот, ги обновува врските со заедницата и го буди старото почитување кон природата.
„Програмата на Кинотеката за февруари 2026 година претставува внимателно избран мозаик од современи авторски визии и значајни европски филмови. Во центарот е актуелниот филм на Тамара Котевска, чија сензибилност се движи помеѓу документарното и поетското, помеѓу човекот и пејзажот, исчезнувањето и траењето. ‘Приказната за Силјан’ низ интимна нарација отвора пошироки прашања за идентитетот, наследството и потребата да ја раскажеме сопствената приказна“ – соопштува Кинотеката.
Во февруарската програма е вклучен и новиот филм на култниот независен режисер Џим Џармуш, „Татко, мајка, сестра, брат“, како и европската селекција на филмови: „Љубовта што останува“, „Луда љубов“, „Двајца обвинители“, „Приватен живот“ и „Ромерија“.
„Овие филмови, преку различни поетики и жанровски регистри, се занимаваат со интимноста, вината, правдата и кревките човечки односи. Тие не нудат конечни одговори, туку отвораат простор за сомнеж, емпатија и морална дилема, токму онаму каде што европскиот авторски филм е најсилен“ – наведува Кинотеката.
Февруарската програма вклучува и избор квалитетни анимирани филмови за деца, кои носат важни пораки за емпатија, различности, пријателство и одговорност.

