ФЕТАИ И АЛИУ МУ СВРТЕА ГРБ НА ТАРАВАРИ Остануваат со ВЛЕН по консултациите во Приштина со Албин Курти

Очигледно е дека Алијансата за Албанците се соочува со сериозен предизвик, кој може да доведе до натамошно политичко прекомпонирање и во рамки на коалицијата ВЛЕН, и во албанскиот политички блок во целина.

ФЕТАИ И АЛИУ МУ СВРТЕА ГРБ НА ТАРАВАРИ Остануваат со ВЛЕН по консултациите во Приштина со Албин Курти
Фото: Фејсбук

Се продлабочува внатрешниот раздор во Алијансата за Албанците (АА), откако стана јасно дека дел од нејзините високи функционери повеќе не го следат политичкиот курс на партискиот лидер Арбен Таравари.

Вицепремиерот Арбен Фетаи, заедно со поранешниот министер за администрација Азир Алиу, Сирија Рашити и Фета Алими, вчера беа во посета на премиерот на Косово, Албин Курти, испраќајќи недвосмислена порака дека остануваат дел од Владината коалиција ВЛЕН, за разлика од Таравари.

„На разденувањето денес, заедно со неколку пријатели по идеал од Алијансата за Албанците, тргнавме кон Приштина, минувајќи по автопатот ‘Арбен Џафери’, пат што за нас не е само инфраструктура, туку симбол на нашата духовна и национална врска. Таму, во Приштина, водевме братски разговор со нашиот пријател, Албин Курти. Она што нè обединува денес, повеќе од кога било, е нашата заедничка визија и идеал за напредок и развој – идеал што не познава граници, ниту пречки“, објави Фетаи на социјалните мрежи.

Сличен став изнесе и Азир Алиу, кој истакна дека останува дел од политичкиот процес што започна со коалицијата ВЛЕН и ќе продолжи да го поддржува реформскиот курс на Владата.

„Верувам дека определбата за промени не се напушта при првата пречка, туку се гради со уште повеќе труд. Со голема почит кон претседателот на партијата и неговото право на политичка проценка, чувствувам обврска јавно да кажам дека ќе продолжам да бидам дел од процесот што заедно го започнавме во ВРЕДИ и во оваа Влада“, порача Алиу.

Раздорите се интензивираа откако Арбен Таравари неодамна одлучи да ја напушти коалицијата ВЛЕН, најавувајќи дека на претстојните локални избори ќе настапи со посебни советнички листи. Со таа одлука, Таравари беше принуден да се повлече и од Владата, а неговата оставка од функцијата министер за здравство ќе биде официјализирана во вторник на седница на Собранието.

Очигледно е дека Алијансата за Албанците се соочува со сериозен предизвик, кој може да доведе до натамошно политичко прекомпонирање и во рамки на коалицијата ВЛЕН, и во албанскиот политички блок во целина.

CATEGORIES
Share This