ФЕСТИВАЛОТ „EXIT“ ЗАМИНУВА ОД СРБИЈА – од 2026 година се сели во Египет, пред пирамидите
„Exit“ ја напушта Србија поради, како што наведуваат организаторите, силни политички и финансиски притисоци кои се засилиле откако фестивалот отворено ја поддржал студентската борба за слободно и праведно општество.

Светски познатиот музички фестивал „Exit“, по четврт век постоење во Србија, го одржува своето последно издание во родниот Нови Сад. Организаторите потврдија дека од 2026 година фестивалот се сели во Египет – и тоа на спектакуларна локација: токму пред прочуените пирамиди во Гиза.
Во последните недели се појавија шпекулации на социјалните мрежи за можното заминување на „Exit“ од Балканот, но денес организаторите официјално го објавија потпишувањето на договор со египетски партнер за организација на настанот. Деталите ќе бидат претставени по завршувањето на годинашното, јубилејно 25-то издание.
„Слободата нема цена. Не прифаќаме да бидеме замолчени“, гласи официјалното соопштение на организаторите. Тие додаваат дека им било целосно ускратено јавното кофинансирање, што, според нив, е клучно за одржување на фестивал од ваков обем во Србија.
Годинашното издание на „Exit“, кое започнува денес и трае до 13 јули, ќе се одвива под мотото на отпорот и слободата, со посебна почит кон студентското движење. Настанот во Нови Сад ќе биде последен на добро познатата локација – Петроварадинската тврдина, која со години беше синоним за фестивалот.
Од 2026 година, „Exit“ влегува во нова ера. Сцената ќе се пресели пред пирамидите – една од највпечатливите историски локации на планетата, што најавува уникатно искуство за љубителите на музиката од целиот свет. Програмата, продукцијата и логистиката ќе бидат дополнително објавени во следните месеци.
Оваа историска пресвртница означува крај на една ера и почеток на ново, глобално поглавје за фестивалот што се роди од духот на слободата – и продолжува да ја брани.


