ФЕНОМЕННАЛЕН АКТЕР И НАСТАВНИК – Еве зошто Атила Клинче ја доби наградата „Петре Прличко“
Легендарниот актер и долгогодишен директор на Турскиот театар конечно доби заслужено признание за целиот свој труд.

Легендата на македонското глумиште, Атила Клинче, актер во пензија и долгогодишен столб на Турскиот театар, ја освои награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2026 година!
Наградата, која вклучува плакета, 30.000 денари и цветен аранжман, ќе му биде врачена утревечер на отворањето на Фестивалот на комедија „5-РЕ“ во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.
Атила Клинче има оставено неизбришлив белег во македонскиот театар и филм. Неговите улоги како Хамлет, Енкиду, Едип, Магбет, Креонт и многу други, го направија еден од најценетите актери. Награден е уште во 1982 година како најдобар млад актер, а во 2016 ја доби државната награда „11 Октомври“ за животно дело.
Исто така, остави трага и на филмското и телевизиското платно со хитови како: Пред дождот, Прашина, Пусто турско, Наше маало, Румелија, Последно лето и Преспав.
Клинче не само што ја градише сцената, туку и иднината на македонскиот театар и како професор по сценски говор обучува генерации млади актери. Неговите учебници Сценска дикција и Психологија на уметноста се неизоставен дел од образованието во ФДУ.
Жири комисијата апелира наградата да се доделува на повозрасни или пензионирани актери, а во иднина и постхумно, за да се почитуваат вистинските македонски театарски легенди.
Фестивалот по петти пат го организира Општина Велес, а годинава гостуваат и театри од Србија и Црна Гора. Освен доделувањето на наградата, програмата продолжува со премиерата на претставата „Тестостерон“, а интересот кај велешаните е огромен и речиси сите билети се распродадени
