ФЕЈСБУК ИЗНУДА ОД ЗАТВОР Барале 1.200 евра месечно од мајка на затвореник
По приведувањето, Е.Б. и Р.Р. биле задржани во Полициската станица Струмица, а случајот е презентиран пред јавен обвинител од ОЈО Струмица. По поднесување на кривичната пријава, осомничените биле изведени пред судија од Основниот суд Струмица, кој им изрече мерка куќен притвор.

Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица против четворица лица од Скопје, осомничени за кривични дела „изнуда“ и „лихварство“. Според информациите од полицијата, дел од осомничените дејствувале од затвор, додека другите биле фатени при примопредавање на пари.
Осомничените А.Б. (31) и А.Р. (25), кои во моментот издржуваат затворски казни во Затворот Идризово, користеле незаконски внесени мобилни телефони за да изнудуваат пари од мајка на друг осуденик. Преку апликацијата „Фејсбук Месинџер“, тие барале месечна сума од 1.200 евра, нудејќи „заштита и подобри услови“ за нејзиниот син во затворот. Во текот на видео повиците, тие ѝ прикажувале сцени на наводно насилство врз нејзиниот син, со цел да ја заплашат и уценат дека ќе продолжат со насилството доколку не им плати.
Во продолжение на случајот, на 23 мај, во Струмица биле приведени Е.Б. (27), брат на А.Б., и Р.Р. (20), брат на А.Р. Тие по претходен договор се сретнале со мајката на оштетениот затвореник за да земат дел од побараниот износ. Е.Б. бил фатен во моментот кога ги примал парите, кои биле претходно обележани од страна на полицијата, додека Р.Р. се обидел да побегне, но бил брзо фатен и приведен. При апсењето, кај Е.Б. биле пронајдени пари во различни валути и апоени, за кои не приложил доказ за потекло. Средствата биле одземени од страна на полицијата.
Истовремено, биле извршени претреси во затворските ќелии на А.Б. и А.Р., при што биле пронајдени и одземени два мобилни телефони, за кои постои сомнеж дека биле користени за извршување на кривичните дела.
По приведувањето, Е.Б. и Р.Р. биле задржани во Полициската станица Струмица, а случајот е презентиран пред јавен обвинител од ОЈО Струмица. По поднесување на кривичната пријава, осомничените биле изведени пред судија од Основниот суд Струмица, кој им изрече мерка куќен притвор.
Истрагата продолжува, а полицијата најавува натамошни активности за расчистување на случајот и можно проширување на истрагата.


