ФАТЕН СО 50.000 ЕВРА ПОД СЕДИШТЕ – Притвор за уапсениот директор за мито од 100.000 евра

Шпедитер ја одиграл клучната улога во преносот на парите до осомничениот

ФАТЕН СО 50.000 ЕВРА ПОД СЕДИШТЕ – Притвор за уапсениот директор за мито од 100.000 евра
Фото: Национал

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев (41) од Кочани, е уапсен во полициска акција поради сомнение за примање поткуп во износ од 100.000 евра, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Според истрагата, Анакиев, злоупотребувајќи ја службената положба, побарал мито од сопственик на фирма-увозник за да му овозможи непречен влез на стока во државата, иако таа не била во согласност со македонските прописи. На увозникот му било кажано дека за производите има забрана за увоз и дека треба да бидат вратени, но дека проблемот може да се „реши“ со исплата на пари.

Договорената сума од 100.000 евра требало да се исплати во три дела, првата рата од 50.000 евра и уште две по 25.000 евра.

Примопредавањето на првата рата се случило на 19 март, кога оштетениот ги предал парите на шпедитер, кој бил посредник во шемата. Тој подоцна му ги предал средствата на Анакиев.

Веднаш по преземањето на парите, полицијата презела оперативни мерки и извршила претрес на лицето и неговото возило. При прегледот, под совозачкото седиште биле пронајдени 50.000 евра, кои биле одземени како доказ.

На 20 март, полициски службеници од Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал го лишиле Анакиев од слобода. Против него е поднесена кривична пријава до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за кривично дело „примање поткуп“ по член 357 од Кривичниот законик.

Истрагата укажува дека целата шема била организирана индиректно, преку посредник, со цел да се прикрие директната врска меѓу осомничениот и оштетениот.

Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот на Јавното обвинителство и му одреди мерка притвор во траење од 30 дена на уапсениот директор. Притворот е одреден по сите три законски основи: опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и опасност да го повтори кривичното дело.

CATEGORIES
TAGS
Share This