ФАНАР СЕ ВРАЌА ВО ИГРА – Што се крие зад изненадната посета на митрополитот Кирил
Посета која никој не ја очекуваше - дали конечно се откочува најделикатниот црковен процес?

По речиси две години замрзнати односи, посетата на митрополитот Кирил од Имврос и Тенедос во Дебарско-кичевската епархија повторно го отвора прашањето: дали се навестува обновување на разговорите меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија за томосот за автокефалност?
Митрополитот Георгиј го прими владика Кирил со група поклоници, а по повод Ѓурѓиц му даде благослов да служи празнична литургија во Рајчица со епископот Партениј. Кирил, познат како пријателски глас во Фанар кон МПЦ-ОА, првпат доаѓа по април 2023 година.
Иако МПЦ-ОА доби томос за автокефалност од СПЦ, томосот од Вселенската патријаршија и поширокото сеправославно признавање сè уште недостасуваат. Фанар постави неколку услови – промена на името, дијаспората и признавање на украинската црква кои МПЦ-ОА ги смета за неприфатливи.
Митрополитот Петар категорично порача дека нема откажување од името Македонска православна црква. Архиепископот Стефан исто така потврди дека условите се неприфатливи.
Митрополитот Георгиј смирува: канонскиот статус на МПЦ-ОА е фактички признат, бидејќи сите православни цркви сослужуваат со нашите архиереи. Според него, МПЦ-ОА одамна живее како автокефална, а преостанува само формалната потврда од сите цркви.

