ЏЕЗ ВЕЧЕР ВО МНТ: Дони МекКаслин и Националниот џез оркестар со концерт што ги надминува жанровите

Концертот ветува вечер исполнета со иновативни звуци и виртуозна интерпретација. МекКаслин, познат по својата експресивност и жанровска хибридност, е еден од највпечатливите артисти на денешната џез сцена.

ЏЕЗ ВЕЧЕР ВО МНТ: Дони МекКаслин и Националниот џез оркестар со концерт што ги надминува жанровите

Вљубениците во џезот вечерва во 21 часот ќе имаат ретка можност да присуствуваат на уникатен музички настан во Македонскиот народен театар, каде на сцена ќе настапи прочуениот американски саксофонист и композитор Дони МекКаслин, заедно со Националниот џез оркестар под диригентската палка на маестро Владимир Николов.

Концертот ветува вечер исполнета со иновативни звуци и виртуозна интерпретација. МекКаслин, познат по својата експресивност и жанровска хибридност, е еден од највпечатливите артисти на денешната џез сцена. Со своето дело го проширува јазикот на џезот, комбинирајќи електроника, арт-рок и слободна импровизација, што резултира со музика која не признава граници.

Албумите Blow (2018) и I Want More (2023) се сведоштво за неговиот авангарден пристап и неговата способност да создаде звучен пејзаж кој одекнува далеку надвор од традиционалните џез шаблони. Како што напиша „New York Times“ за еден од неговите настапи:

„Сè започна со синтисајзер што пулсира во слободен ритам, за потоа да премине во тенор-соло што звучеше и како бура и како молитва.“

Организаторите најавуваат моќен настап со фузија на стилови и слободен музички израз, што ќе остави длабок впечаток кај публиката.

Билетите се достапни преку онлајн платформата MKTickets и на нивните продажни места, а на денот на концертот може да се набават и директно на билетарницата на МНТ.

Настан што не се пропушта — вечер кога џезот ќе добие ново значење.

CATEGORIES
Share This