ЕВРОПСКО ПРИЗНАНИЕ ЗА МАКЕДОНИЈА – Заврши постмониторинг фазата со Советот на Европа
Парламентарното собрание го призна одржливиот напредок во демократијата и владеењето на правото

Во текот на јануарската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, на која учествуваа пратениците Иванка Василевска (заменик-шеф) и членовите Беким Ќоку и Бисера Костадиновска Стојчевска, беше изгласана Резолуција за затворање на постмониторинг дијалогот со Република Северна Македонија. Текстот на Резолуцијата, во име на Мониторинг комисијата, беше изготвен од известителите Сибел Арслан од Швајцарија, од политичката група на Социјалистите, и Џозеф О’Рајли од Ирска, од Европските народни партии.
Според собраниската прес-служба, Парламентарното собрание го признава одржливиот напредок на Северна Македонија во демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и соработката со телата на Советот на Европа. Исто така, се истакнува и политичката посветеност на властите за исполнување на обврските преземени при отворањето на постмониторинг дијалогот во 2000 година. Врз основа на ова, Собранието одлучи да го затвори постмониторинг дијалогот и да продолжи да ги следи случувањата преку својот механизам за редовен периодичен преглед.
Мониторинг комисијата, официјално Комисија за почитување на обврските и заложбите од страна на земјите членки на Советот на Европа, има важна улога во следење на исполнувањето на обврските на земјите членки според Статутот на Советот на Европа, Европската конвенција за човекови права и сите други конвенции на кои се обврзале.
Значењето на мониторинг процесот е посебно нагласено и во односите меѓу Советот на Европа и Европската Унија, со координиран пристап на повеќе механизми, вклучувајќи го Парламентарното собрание и неговите комисии, Комитетот на министри, Конгресот на локалните и регионални власти и Венецијанската комисија. Исто така, постои блиска соработка со ЕУ и други меѓународни организации, особено во контекст на проширувањето на ЕУ. Исполнувањето на обврските кон Советот на Европа се смета за клучен елемент за унапредување и забрзување на евроинтеграцијата на државата.
Во дебатата, Иванка Василевска ја истакна посветеноста на државата кон европските вредности, демократските реформи и конструктивната соработка во рамки на Советот на Европа. Таа затворањето на постмониторинг дијалогот го оцени како признание за долгорочните напори на државата. Посебно се осврна на напредокот во демократските процеси преку фер избори, мирна смена на власта, изборот на првата жена претседател и конкретните резултати во борбата против корупцијата, потврдени од ГРЕКО. Таа го нагласи мултиетничкиот и инклузивен карактер на државата и континуираната посветеност на реформите.
Беким Ќоку го поздрави завршувањето на постмониторинг дијалогот како значаен успех за Северна Македонија и целиот Западен Балкан. Тој нагласи дека реформите и доследната посветеност кон стандардите на Советот на Европа носат конкретни резултати и ја зајакнуваат демократијата и стабилноста во регионот. Северна Македонија е доверлив европски партнер, усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и посветена на европската интеграција. Ќоку ја поздрави резолуцијата како признание за постигнатиот напредок и поттик за продолжување на реформите во сите земји од Западен Балкан.
Бисера Костадиновска Стојчевска истакна дека резолуцијата, со која се затвора процес по 25 години, е важна за секој политичар кој некогаш бил или е на власт, отсликувајќи ја состојбата, но и желбата на граѓаните за членство во Европската Унија. Таа нагласи дека усвојувањето на резолуцијата испраќа јасен сигнал до политичарите, особено до власта, дека местото на Северна Македонија е во Европската Унија и дека тоа треба да се реализира што побрзо.

