ЕВРОПСКИ ТРЕНД – Децата под 15 години се исклучуваат од социјалните мрежи
Властите тврдат дека социјалните мрежи сериозно го загрозуваат менталното здравје на младите

Франција се подготвува да воведе забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 15 години, најави претседателот Емануел Макрон. Законот, кој веќе е усвоен од долниот дом на парламентот, се очекува да стапи на сила од 1 септември, откако ќе биде изгласан и во Сенатот.
Целта на мерката е заштита на менталното здравје на децата од негативното влијание на платформи како Snapchat, TikTok, Instagram и X (поранешен Twitter). Францускиот медиумски регулатор Аркам ќе одлучува кои конкретни платформи ќе бидат опфатени со забраната.
Законот во Франција има поддршка од владејачката партија на Макрон, Ренесанса, а неговата конечна верзија ќе биде усогласена преку заеднички парламентарен комитет.
Слични ограничувања веќе се воведени во неколку земји. Австралија, на пример, им забрани на деца под 16 години да отвораат сметки на одредени социјални мрежи, додека слични чекори презедоа и Австрија и Данска.
Шпанија се подготвува за донесување закон со кој би се забранил пристапот до социјалните мрежи за деца помлади од 16 години, со цел да се спречи онлајн вознемирувањето и да се зајакне менталното здравје.
Исто така и Португалија планира да воведе дигитална полнолетност и да забрани користење социјални мрежи за деца под 16 години и нови правила за проверка на возраста и родителска согласност.

