ЕВРОПА НА СИТЕ Мицкоски и Милановиќ за интеграција на Балканот
На работниот ручек, двајцата државници разговарале за регионалната соработка, европските интеграции и справувањето со глобалните предизвици.

Стабилна, просперитетна и интегрирана Европа е невозможна без полноправно членство на целиот регион, оцени македонскиот премиер Христијан Мицкоски по денешната средба со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој престојува во официјална посета на Македонија.
На работниот ручек, двајцата државници разговарале за регионалната соработка, европските интеграции и справувањето со глобалните предизвици. Како што соопшти Мицкоски на социјалните мрежи, средбата била исполнета со „искрени ставови, регионални перспективи и заеднички визии за иднината“.
„Потврдена беше поддршката за европската иднина на Македонија и јасната перспектива за членство во Европската унија“ – напиша премиерот на Фејсбук.
Хрватскиот претседател беше пречекан на скопскиот аеродром од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, а со највисоки државни и воени почести го пречека и претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова. Двајцата претседатели имаа билатерална средба и заедничка прес-конференција.
Посетата на Милановиќ се оценува како значаен поттик за унапредување на односите меѓу двете земји и поддршка на Македонија на нејзиниот пат кон Европската унија.


