ЕВАКУИРАНИ ОД ИЗРАЕЛ Првата група македонски граѓани слета во Скопје
До понеделник, вкупно 28 македонски државјани побарале поддршка од државата за напуштање на Израел.

Првата група македонски граѓани, кои побараа да бидат евакуирани од Израел поради влошената безбедносна состојба, синоќа безбедно пристигна на скопскиот аеродром, информираа надлежните институции.
Со оваа акција, Македонија се вбројува меѓу првите европски земји кои успешно реализираа евакуација на свои државјани од зона погодена од конфликт на Блискиот Исток.
До понеделник, вкупно 28 македонски државјани побарале поддршка од државата за напуштање на Израел.
Министерството за надворешни работи, веднаш по ескалацијата на насилствата, формираше кризен штаб и започна со координирани активности за евакуација.
Евакуацијата на првата група беше реализирана со владин авион, со оглед на тоа што меѓународниот воздушен сообраќај со Израел е привремено прекинат. Според надлежните, втората група македонски државјани ќе биде евакуирана веднаш штом се воспостават редовни летови од Тел Авив.


