ЕУФОРИЈА ИЛИ ШПЕКУЛАЦИЈА – Венецуелската берза експлодира по апсењето на Мадуро
Главниот индекс IBVC порасна за речиси 150% за неколку дена по драматичниот пресврт во Каракас

Главниот берзански индекс на Венецуела, IBVC (Índice Bursátil de Caracas), забележа драматичен раст од над 73 отсто од 3 јануари наваму, кога американските сили го уапсија претседателот Николас Мадуро. Денес индексот достигна нов историски максимум од околу 3.878 поени.
Според официјалните податоци од берзата во Каракас, IBVC во понеделникот, 5 јануари, порасна за 16,45 проценти и се затвори на 2.598 поени, а денес забележа дополнителен скок од речиси 49 отсто. Вкупно, индексот е зголемен за околу 148 проценти во однос на крајот на декември минатата година.
Овој неочекуван берзански бум се случува во услови на сериозни геополитички пресврти. На 3 јануари, американски специјални сили спроведоа брза операција во Каракас, при што беа уапсени Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес. Тие беа префрлени во Њујорк, каде што се соочуваат со обвиненија за наркотероризам, трговија со дрога и други тешки кривични дела. Мадуро вчера се изјасни за невин, оценувајќи го апсењето како „киднапирање“.
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека Соединетите Американски Држави привремено ќе ја „водат“ Венецуела со цел да обезбедат стабилна транзиција, најавувајќи и вклучување на американски нафтени компании во обновата на клучната нафтена инфраструктура на земјата, која располага со најголеми докажани резерви на нафта во светот.
Експертите оценуваат дека инвеститорите се охрабрени од можноста за брзо укинување на санкциите, политичка стабилизација и враќање на странските инвестиции, особено во енергетскиот сектор, по години економски колапс, хиперинфлација и меѓународна изолација.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека значителен дел од растот на индексот е шпекулативен и дека реалната обнова на венецуелската економија ќе бара години, поради разурнатата инфраструктура и длабоката системска криза.
И покрај тоа, берзата во Каракас бележи еден од најголемите дневни растови во својата историја, што укажува на силен оптимизам кај инвеститорите за можна нова ера за Венецуела.
Во меѓувреме, меѓународната заедница останува поделена околу американската интервенција, додека во Каракас владее напната атмосфера по преземањето на функцијата од страна на привремената претседателка Делси Родригез, која повикува на дијалог со Вашингтон.


