ЕУ СО ОДГОВОР ДО САД – Нема да дозволиме да преовладувате, подготвени сме за решителни акции
Притоа од ЕУ ги потенцираат нивните клучни лостови на моќ како што се силна економија, индустрија, иновации и обединети општества

Претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Коста, изјави дека Европската Унија е подготвена да се брани од секој вид принуда и да го заштити меѓународниот поредок заснован на правила. Тој нагласи дека ЕУ има моќ и алатки да го стори тоа.
„Не можеме да прифатиме законот на најсилниот да преовладува над правата на најслабиот. Меѓународните правила не се опционални, а сојузите не смеат да се сведат само на збир на трансакции“, рече Коста пред Европскиот парламент.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истакна дека ЕУ мора да ја забрза својата независност за да се брани во свет што брзо се менува.
„На раскрсница сме. Европа претпочита дијалог и решенија, но е подготвена да дејствува со единство, итност и решителност ако е потребно“, рече Фон дер Лајен.
Таа додаде дека ЕУ има силни лостови на моќ: силна економија, просперитетен единствен пазар, индустриска база, капацитет за иновации и технологија, обединети општества и способност да се одбрани.
Фон дер Лајен нагласи дека е поважно од кога било да се продолжи со поддршката за Украина и дека ЕУ ќе соработува со САД и други партнери за зајакнување на безбедноста во Арктикот.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно се закани со воведување на 10% царини за стоки од Велика Британија, Норвешка и шест земји од ЕУ кои учествуваат во арктичките воени вежби во Гренланд, кои би важеле додека не се постигне договор за купување на Гренланд од САД.

