ЕУ ПОСРЕДУВА Предложен термин за средба меѓу Македонија и Бугарија
Средбата, доколку се реализира, се смета за дел од пошироките напори за деблокирање на европските интеграции на Северна Македонија.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека постои предлог-термин за средба со бугарската страна, но се чека официјален одговор од Софија. Тој потврди дека во изминатите два дена се води комуникација со Канцеларијата на Европската комисија во земјава во врска со оваа иницијатива.
„Имаме комуникација со канцеларијата на Европската комисија, и вчера и денес. Сè уште немам повратен одговор. Има предлог-термин, да почекаме да се изјасни бугарската страна – рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за евентуална средба со бугарскиот премиер и дали стапил во контакт со претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта.
Претседателката Гордана Силјановска Давкова вчера, во контекст на претстојниот Самит на НАТО во Хаг, изјави дека иако е дипломатска практика средбите да се одвиваат со хомолози, таа е подготвена да разговара со бугарскиот премиер Росен Жељазков, со оглед дека претседателот на Бугарија, Румен Радев, нема да присуствува на Самитот.
„Разговарав со господинот Антонио Кошта за евентуална средба, тоа беше негов предлог. Тој ми потврди, додека бев во Ница, дека Радев нема да дојде во Хаг, туку ќе го претставува премиерот Жељазков. Јас ќе бидам таму и сум спремна за разговор – изјави Силјановска Давкова.
Таа додаде дека иницијативата за состанокот доаѓа од страна на Европскиот совет и оти се чека потврда од таа институција.
„Не сме ние тие што го предложиле господинот Жељазков, туку тоа е иницијатива од европска страна. Ако дојде до средба, јас сум подготвена и за разговор со Радев, кого го познавам и кој е запознаен со нашите ставови. Европската креативност неколкупати досега помогна во чувствителни моменти – истакна претседателката.
Средбата, доколку се реализира, се смета за дел од пошироките напори за деблокирање на европските интеграции на Северна Македонија.


