ЕУ ГИ ЗАОСТРУВА ПРАВИЛАТА ЗА ИЗВОЗ НА ПОЛОВНИ АВТОМОБИЛИ – Старите возила одат на рециклирање
Извозот на понови и добро сочувани возила нема да предизвикува проблеми, но постарите автомобили кои се најчест избор кај купувачите се погодени од новите правила

Европската унија планира да воведе построги правила за извоз на половни автомобили во трети земји. Новите мерки не значат забрана за извоз, но воведуваат строги критериуми и дополнителни трошоци за возилата кои не се целосно технички исправни.
Целта на директивата е да се разликуваат функционалните половни автомобили од оние кои се отпад и да се заостри контролата врз извозот на постари возила. Извозот на понови и добро сочувани автомобили, стари две до пет години, нема да предизвикува проблеми. Најголемиот предизвик е кај постарите и поевтини автомобили, кои долго време се најчест избор на купувачите во Македонија.
Возилата кои не се целосно технички исправни ќе мора да добијат посебен сертификат или да се подложат на дополнителни поправки за да можат да се извезат. Новите правила воведуваат и категорија „возила на крајот од животниот век“ – сериозно оштетени автомобили, запалени, исечени или со критични системи кои не можат да се поправат без да се изгуби идентитетот на возилото. Таквите автомобили повеќе нема да се продаваат како половни, туку ќе се упатуваат директно на рециклирање, што е најголемата промена во однос на сегашната практика.
Задолжителниот сертификат за технички преглед ќе важи за одредени категории возила. Иако трошокот формално ќе го сноси продавачот во ЕУ, тој неизбежно ќе се одрази врз цената на автомобилот. Според неофицијални проценки, сертификатот би можел да чини 1.500 до 2.000 евра, што често е блиску до вредноста на најевтините половни автомобили. Поради тоа, многу продавачи можеби нема да ја сметаат подготовката на овие возила за извоз како исплатлива.
Очекувано е голем број постари и евтини автомобили во ЕУ да завршат на рециклирање, наместо да се продаваат на пазари како Македонија. Регулативата сè уште не е формално усвоена, а по усвојувањето ќе следуваат преодни периоди. Почетокот на спроведувањето на новите правила се очекува во следните две години, додека целосната контрола на извозот во трети земји би можела да почне околу 2031 година.


