ЕПИЛОГ ОД НЕВРЕМЕТО ВО СКОПЈЕ – Паднати дрвја, оштетени возила и кровови

ЕПИЛОГ ОД НЕВРЕМЕТО ВО СКОПЈЕ – Паднати дрвја, оштетени возила и кровови

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека попладневното невреме кое вчера го зафати Скопје предизвика бројни штети на повеќе локации во градот. На бројот за итни повици 112 биле пријавени паднати дрвја, скинати електрични кабли на ЕВН и оштетувања на приватна сопственост – возила, кровни конструкции и настрешници.

Најмногу пријави имало од улиците во Центар, Аеродром, Ѓорче Петров, Карпош и Топаана. Забележани се дрвја кои паднале врз возила и згради (на ул. Теодосиј Гологанов, Никола Русински, Волгоградска, Димитар Туриманџовски, Лука Геров и др.), како и дрвја кои оштетиле електрични кабли, што предизвикало искрење на повеќе локации. Во Топаана и околината имало и оштетувања на кровови и куќи.

Проблеми се регистрирани и на булеварите „Партизански одреди“ и „Јане Сандански“, каде паднати дрвја оштетиле повеќе возила и дел од инфраструктурата. Дел од пријавите се однесувале и на искршени бандери и семафори со ризик од паѓање, како и на кабли кои претставувале опасност за пешаците и возилата.

ЦУК информира дека сите пријави се доставени до надлежните служби – ЕВН, Бригадата за противпожарна заштита и општинските екипи, кои интервенираат според приоритет за надминување на состојбата.

CATEGORIES
Share This