ЕНЕРГЕТСКИОТ СВЕТ СЕ СОБРА ВО СКОПЈЕ – 600 експерти зборуваат за енергетската иднина

Очекувани се повеќе од 600 учесници од 70 земји, меѓу кои владини претставници, експерти од меѓународни организации, банки, академската заедница, приватниот сектор и граѓанското општество.

ЕНЕРГЕТСКИОТ СВЕТ СЕ СОБРА ВО СКОПЈЕ – 600 експерти зборуваат за енергетската иднина
Фото: Принтскрин

Скопје е домаќин на 14-тиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14), што се одржува под мотото „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“.

Настанот го организира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и петте регионални комисии на ОН – UNECE, UNESCAP, UNECLAC, UNECA и ESCWA.

Форумот, кој ќе трае три дена, има за цел да го премести фокусот од глобални цели кон конкретни активности – преку мерки за диверзификација на енергетските ресурси, забрзување на инвестициите во обновливи извори и јакнење на регионалната соработка за енергетска стабилност.

Очекувани се повеќе од 600 учесници од 70 земји, меѓу кои владини претставници, експерти од меѓународни организации, банки, академската заедница, приватниот сектор и граѓанското општество. Над 150 експерти ќе учествуваат на 35 панел-дискусии.

Свеченото отворање се одржа во Македонската филхармонија во 9:00 часот, а обраќања имаа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, извршната секретарка на Економската комисија на ОН за Европа (UNECE) Татијана Молчан и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан.

Форумот во Скопје ќе се надоврзе на резултатите од минатогодишното издание во Бангкок, со цел да понуди конкретни решенија и политики кои ќе ја унапредат правичната и инклузивна енергетска транзиција.

Во рамките на настанот ќе биде потпишана „Скопска декларација“ – документ кој ќе ја потврди заедничката заложба на земјите учеснички за обезбедување одржлива, безбедна и инклузивна енергетска иднина.

Од МЕРМС истакнуваат дека со организацијата на форумот, државата ја зацврстува својата позиција на светската енергетска мапа како рамноправен и кредибилен партнер во глобалната транзиција кон чисти извори на енергија.

CATEGORIES
Share This