ЕНЕРГЕТСКИ КОЛАПС ВО УКРАИНА – Киев без струја, вода и греење
Системски дефект предизвика прекин на електричната енергија низ целата земја

Министерот за енергетика на Украина, Денис Шмигаљ, објави дека утрово, на 31 јануари, имало „вонредно исклучување“ на електроенергетската мрежа, поради прекин на далноводите меѓу Романија и Молдавија, како и меѓу западна и централна Украина.
Според извори од енергетската компанија и Кабинетот на министри, системски дефект предизвикал прекин на снабдувањето со електрична енергија низ целата земја, но причините сѐ уште не се целосно познати.
Најголемата приватна енергетска компанија во Украина, DTEK, пријави итни прекини на електричната енергија во Киев и околината. Жителите на главниот град се соочуваат со прекини на струјата, греењето и водоснабдувањето, додека температурите остануваат екстремно ниски.
Воената администрација на Киев објави дека метрото е привремено затворено поради прекинот на електричната енергија. Компанијата за водоснабдување „Киевводоканал“ соопшти дека водата е исклучена низ целиот град и дека нивните експерти, заедно со енергетските работници, работат на што побрзо враќање на услугата.
Шмигаљ истакна дека Киев и околината, како и делови од Житомирската и Харковската област, се под „специјален режим на итно исклучување“, откако автоматските заштитни механизми во трафостаниците беа активирани. Енергетските експерти на државниот оператор „Укренерго“ работат на обновување на снабдувањето, кое се очекува да се врати во следните неколку часа.
Претседателот Володимир Зеленски потврди дека се преземени сите потребни мерки за брзо обновување на електроенергетската мрежа и стабилизирање на ситуацијата.

