ЕМОЦИИ ВО ФИЛХАРМОНИЈА – „Миланова игра“ го оживеа духот на Милан Завков

Во текот на четиридецениската кариера во народната музика, самостојно и во бројни соработки, како и со групата „Македонски мерак“, создаде значаен опус на композиции и аранжмани и остави траен белег во македонската музичка традиција.

ЕМОЦИИ ВО ФИЛХАРМОНИЈА – „Миланова игра“ го оживеа духот на Милан Завков
Фото: Принтскрин

Со многу емоции и аплаузи, во Филхармонијата се одржа концертот „Миланова игра“, посветен на легендарниот композитор Милан Завков, кој зад себе остави над 800 дела.

Под диригентство на Дијана Имери-Илкоска, специјално формираниот камерен оркестар изведе дел од неговите најпознати композиции, во нови аранжмани на Дамир Имери и Дарко Илиевски. На сцената настапија имиња како Виолета Томовска, Наум Петрески, Сузана Спасовска и други доајени на македонската фолк музика.

Вечерта кулминираше со емотивен момент кога сите изведувачи заедно ја испеаја „Ај засвирете млади момчиња“ во чест на роденденот на Томовска, која наполни 81 година.

Завков ќе остане запаметен како еден од најголемите автори и хармоникаши во македонската музика, со хитови што и денес живеат меѓу публиката.

Концертот го водеше Ирена Спировска, која потсети дека Завков започнал да свири хармоника уште на осумгодишна возраст. Веќе на 14 години станал член на оркестарот на тогашниот „Млад Танец“, под раководство на Ѓорѓи Димчевски. Подоцна настапувал во КУД „Мирче Ацев“, каде што ја зацврстил својата определба музиката да стане негова животна професија.

Бидејќи во тоа време на Факултетот за музичка уметност во Скопје немало студии по хармоника, Завков се насочил кон својот втор инструмент контрабасот, на кој успешно дипломирал на одделот за гудачки инструменти.

Во 1970 година, со „Октет Македонија“ ја снимил својата прва плоча. Во текот на четиридецениската кариера во народната музика, самостојно и во бројни соработки, како и со групата „Македонски мерак“, создаде значаен опус на композиции и аранжмани и остави траен белег во македонската музичка традиција.

CATEGORIES
Share This