ЕКСПРЕСНА РЕАКЦИЈА НА ФРЧКОСКИ Не сум виновен, кривичната пријава е одмазда за критиките кон власта

Поранешниот амбасадор на Македонија при Обединетите нации во Њујорк, Љубомир Фрчкоски, остро реагираше на кривичната пријава поднесена од Министерството за надворешни работи (МНР), нарекувајќи ја срамна, неточна и со политичка заднина.
Фрчкоски тврди дека пријавата, која го товари него и уште три лица од мисијата на Македонија во Њујорк за злоупотреба на службената положба, има цел да изврши притисок врз неговите критички јавни настапи кон власта. Тој посочи дека по подолг период на воздржаност, властите сепак одлучиле да реагираат со, како што ја нарече, „комична и неточна“ кривична пријава.
Во пријавата, меѓу другото, се наведуваат наводни неправилности како пречекорување на средства за мобилни телефони, поправка на возило без одобрение од МНР, земање аванс за службено патување и купување авионски билети поради смртен случај во семејството – и покрај тоа што, според Фрчкоски, сите средства биле навремено вратени во државниот буџет.
„Сите таканаречени ‘пречекорувања’ се направени во рамки на законските овластувања на амбасадорот, според Законот за МНР и Правилникот за плати и надоместоци“, нагласува Фрчкоски.
Посебно внимание во пријавата привлекува постапката со средствата добиени од сукцесијата – продажбата на објект на поранешна СФРЈ во Њујорк. На сметката на мисијата на Македонија биле уплатени речиси 4 милиони долари, од кои 3,94 милиони биле префрлени во буџетот, додека 58.721 долари останале на сметката на мисијата.
Фрчкоски објаснува дека задржувањето на дел од средствата било во согласност со барањата на финансиските служби на Њујорк, кои инсистирале сите републики на поранешна СФРЈ да задржат средства на сметките во мисиите сè додека купувачот не го исплати потребниот данок.
„Таква е постапката кај сите држави од поранешната Југославија, вклучително и Македонија“, вели тој.
Според него, кога данокот бил исплатен, сите средства биле навремено префрлени во буџетот.
Министерството, пак, го обвинува Фрчкоски дека не постапил по нивните инструкции и по мислењето на Министерството за финансии, и дека со тоа сторил кривично дело според член 353 од Кривичниот законик – злоупотреба на службена положба и овластување.
Реакцијата на Фрчкоски доаѓа откако стана јавно познато дека Основното јавно обвинителство води постапка против него и тројца вработени од мисијата во Њујорк, поврзана со финансиски малверзации за време на неговиот мандат од април 2022 до октомври 2024 година.


