ЕКСПЛОЗИВ НА ГРАНИЦАТА – Орбан тргна да провери дали Унгарија е во опасност
Вучиќ најавува решителна реакција против секој што го загрозува виталниот гасовод.

Рано утрово, унгарскиот премиер Виктор Орбан се упати кон границата со Србија за да провери дали е сè во ред со гасоводот на унгарска страна, откако српските власти пронајдоа експлозивни направи на критичната инфраструктура.
„Велигденски понеделник, 6 часот наутро. Наместо да го прославуваме со традиционалното истурање вода, се упатуваме кон унгарско-српската граница. Вчера се обидоа да го дигнат во воздух гасоводот на српска страна. Проверуваме дали сè е во ред на унгарска страна. Ќе известувам во живо за развојот на настаните“, изјави Орбан во видео објава.
По откривањето на експлозивните пакети во општина Кањижа, Орбан свика итен состанок на Советот за одбрана на земјата, по што најави дополнително зајакнување на воената заштита на делот од гасоводот Турски поток што минува низ Унгарија.
Во својата објава на Фејсбук, Орбан му се заблагодари на српскиот претседател Александар Вучиќ за „брз и ефикасен одговор“ и истакна дека инцидентот е спречен без повредени лица.
Вучиќ, пак, потврди дека се пронајдени два големи пакета експлозив со средства за активирање, и нагласи дека Србија ќе реагира решително против секој обид за загрозување на виталната инфраструктура на земјата.
Гасоводот Турски поток годишно транспортира 7,5-8 милијарди кубни метри гас и претставува една од главните енергетски артерии на Унгарија.
